Македонија и Бугарија го потпишуваат договорот за меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8
04/11/2025 18:10
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, на 6 ноември ќе го потпише Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8, заедно со бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт, Гроздан Караџов.
Свеченото потпишување ќе се одржи на железничката станица Ѓуешево, а на настанот ќе присуствуваат и претставници од Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка.
Планираниот тунел, долг околу 2,4 километри, ќе биде заедничка гранична точка меѓу Македонија и Бугарија. Половина од трасата, односно 1,2 километри, ќе се наоѓаат на македонска територија.
Проектот претставува значаен чекор во завршувањето на железничкиот Коридор 8, кој покрај економското, има и стратешко-безбедносно значење во рамките на НАТО Алијансата. Делницата од Куманово до Бељаковце веќе е завршена и пуштена во употреба, трасата Бељаковце – Крива Паланка е во изградба, а во тек се подготовките за третата фаза – од Крива Паланка до границата со Бугарија, која ќе го опфати и тунелот.





