Николоски: Апелирам до ЕУ, македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во шенген зоната
21/01/2026 15:38
Вицепремиерот Александар Николоски упати јасен апел до Европска Унија македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за електронска евиденција при влез во Шенген зона, предупредувајќи дека тие ќе нанесат сериозна штета врз економијата на земјата и целиот регион на Западен Балкан.
Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Николоски истакна дека Владата целосно го разбира револтот на транспортерите и најавените протести кои ќе започнат од понеделник, не само во Македонија, туку и во други земји од регионот.
„Новите правила директно ќе ја намалат работата на превозниците и ќе го погодат транспортниот сектор, но и челичната индустрија. Ова не е проблем само за Македонија, туку за целиот Западен Балкан“, нагласи Николоски.
Тој информираше дека Владата веќе повеќе од една година води разговори со претставници на Европска комисија, но засега без конкретен резултат. Последните средби ги остварил во декември во Брисел со еврокомесарот за транспорт Апостолос Цицикостас и со генералната директорка за мобилност и транспорт Магда Копцинска.
„Формално, ЕК тврди дека нема разлика меѓу старите и новите правила, бидејќи важи правилото 90 дена во 180 дена. Но, практично тоа не важи за превозниците. Тие не се туристи, туку луѓе кои работат и транзитираат низ земјите на ЕУ и не можат да добијат работни визи“, истакна Николоски.
Вицепремиерот предупреди дека проблемот е уште подлабок и дека ќе има директно влијание врз извозните компании, странските инвестиции и индустриското производство, особено во секторот на челикот.
„Не може регионот на Западен Балкан да се третира како трети земји, ниту извозот на челик да се става во иста квота со Кина. Со вакви политики, челичната индустрија може да колабира“, рече Николоски, потсетувајќи на затворањето на ФЕНИ како пример за последиците од ваквите политики.
Тој најави дека Владата интензивно ќе продолжи со дипломатските активности и дека Министерството за надворешни работи веќе е задолжено официјално да побара одложување и промена на новите правила за влез во Шенген зоната, со цел заштита на транспортниот сектор и економската стабилност на земјата.





