🇪🇺 Европската комисија денеска го претставува извештајот за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ
04/11/2025 11:32
Европската комисија денеска ќе го презентира пакетот извештаи за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската Унија за 2025 година, со проценка на достигнувањата, реформите и приоритетите на секоја држава во процесот на евроинтеграции.
Според најавите, еврокомесарката за проширување Марта Кос попладнево ќе го претстави пакетот за проширување пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET), по што ќе следи јавна дебата посветена на постигнувањата на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство.
На основа на извештаите, Комитетот ќе изготви резолуции кои ќе бидат разгледани во Европскиот парламент во наредниот период.
📊 Европската комисија: Проширувањето е забрзано, но корупцијата останува предизвик
Во документот, Комисијата ја нагласува својата посветеност на политиката на проширување и идејата за „обединета Европа“, но истовремено посочува дека кај повеќето земји корупцијата и натаму претставува значителен системски проблем.
Во општата оценка се наведува дека процесот на проширување во моментов се одвива побрзо од било кога во последните 15 години, особено поради геополитичките околности и новиот европски фокус врз регионот на Западен Балкан.
🇲🇰 Македонија со одреден напредок
Во извештајот за Македонија, Европската комисија констатира дека земјата постигнала одреден напредок во спроведувањето на реформите, особено во владеењето на правото, јавната администрација и демократските институции.
Се поздравува и работата на Владата на спроведување на патоказите за реформи и на Акцискиот план за заштита на малцинствата, како и формирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, што се оценува како позитивен чекор кон подобра инклузивност и транспарентност.
Еврокомисијата забележува умерен напредок во медиумскиот плурализам и слободата на изразување, но и понатаму апелира на поголема независност на медиумите и институциите од политички влијанија.
🔍 Следни чекори
По денешната презентација, извештаите ќе бидат достапни за јавноста, а европските институции ќе започнат расправа за приоритетите во 2026 година, кога се очекува и новата фаза на пристапниот процес.





