Запленети над еден тон небезбедна храна во Чучер-Сандево, АХВ откри возило полно со ореви и кикирики без потекло
06/11/2025 11:55
По добиена пријава и координирана акција на Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), извршен е вонреден инспекциски надзор на возило кое превезувало храна со непознато потекло на подрачјето на општина Чучер-Сандево.
При контролата биле пронајдени 1.060 килограми кршени ореви и 581 килограм кикирики во зачинета обвивка, складирани во рефус состојба, без каква било идентификација или потребни информации за потрошувачите. Во истото возило биле затекнати и 900 килограми индиски ореви со декларација, соопштија од АХВ.
„Бидејќи дел од производите биле без соодветна документација за потекло и квалитет, согласно Законот за безбедност на храна, тие се прогласени за небезбедни и ќе бидат нештетно уништени“, информираат од Агенцијата.
Против лицето затекнато при контролата е поведена прекршочна постапка за пуштање во промет на небезбедна храна од нерегистриран оператор, а изречена е и парична казна од 600 евра во денарска противвредност.
Од АХВ нагласуваат дека ќе продолжат со засилени контроли на терен за да се спречи пласман на небезбедна храна и да се заштити здравјето на потрошувачите.



