АХВ фати 10 измамници кај производителите на млечни производи
31/05/2026 12:34
Вонредни контроли на АХВ: Сирење со 1% наместо 20% млечна маст, палма наместо млеко во производите
Деведесет и една мостра од млеко, млечни и сувомесни производи, од домашно производство и од увоз – земаа официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во рамки на вонредните контроли. Целта беше да се утврди дали производите по својот квалитет соодветствуваат со она што е наведено на декларациите.
45 мостри млеко и млечни производи, 10 оператори со неправилности
Од земените и лабораториски анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи, кај 10 оператори е утврдено дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи.
Со тестирањата е констатирано дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното.
Сирење со 1% наместо 20%, казна 3.500 евра
Кај еден оператор со храна, со лабораториско тестирање на мостра од одземените 22 килограми ситно сирење, утврдено е дека било декларирано дека содржи 20 проценти млечна маст, а производот содржел само 1 процент.
За оваа измама на потрошувачите, на операторот му е изречена парична казна од 3.500 евра во денарска противвредност.
Уште осум оператори казнети со по 1.050 евра
За измама на потрошувачите, на уште осум оператори (производители и увозници) кај кои се утврдени отстапки од ваков вид – разлика во декларираниот и реалниот процент на млечна маст во контролираните млечни производи – изречени им се казни од по 1.050 евра во денарска противвредност.
Палмини масти наместо млеко – казна 1.300 евра и уништени 500 килограми
Кај друг оператор со храна, со тестирањата е констатирано дека во производството на млечен производ користел растителни (палмини) масти, за што му е изречена парична казна од 1.300 евра во денарска противвредност.
Спорниот млечен производ во вкупна тежина од 500 килограми од овој оператор е повлечен од промет и нештетно уништен на депонија.
Продолжуваат засилените инспекциски контроли
Кај оваа категорија оператори со храна, засилените инспекциски контроли од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжат и во наредниот период.
Засега се комплетирани резултатите од тестираните примероци млеко и млечни производи земени од поголемите синџири маркети во земјава. Се чека комплетирање и на резултатите за тестираните сувомесни производи, за што јавноста дополнително ќе биде известена.






2 thoughts on “АХВ фати 10 измамници кај производителите на млечни производи”
Comments are closed.