13 Ноември – ден на гордост, благодарност и почит кон ослободителите на Скопје
13/11/2025 9:24
Денес, Скопје, главниот град на Македонија одбележува 81 година од ослободувањето од фашистичката власт во Втората светска војна, еден од најзначајните датуми во неговата историја.
Со бројни активности и свечени церемонии, делегации од државни институции, општини, јавни организации и здруженија на борци ќе положат свежо цвеќе и венци на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани и пред споменикот „Ослободители на Скопје“ пред зградата на Владата.
Традиционално, на овој ден Градот Скопје ја доделува наградата „13 Ноември“ на личности, институции и организации кои со својата работа и посветеност придонеле за развојот, културниот напредок и афирмацијата на метрополата.
На 13 ноември 1944 година, по неколкудневни жестоки борби, борците од 42-та и 50-та дивизија на Народноослободителната македонска војска и 16-та Македонска бригада со победнички марш го ослободија Скопје од германската окупација. Во тие историски денови животот го загубија 420 македонски борци, а во текот на целата војна над 4.600 скопјани ја дадоа својата најголема жртва, сопствениот живот за слободата.
Македонија со гордост беше дел од антифашистичката коалиција, а во борбата против фашизмот загинаа околу 33.000 луѓе, меѓу кои и повеќе од 7.000 македонски Евреи депортирани во логорот Треблинка.
Денот на ослободувањето на Скопје останува симбол на слободата, храброста и непокорот, спомен на генерации кои се бореа за мир, достоинство и иднина.






