25 години од нападот кај Вејце: Почит на загинатите бранители за Македонија
28/04/2026 13:13
eДенес, на 28 април 2026 година, се навршуваат 25 години од нападот кај Вејце, еден од најтешките настани од конфликтот во 2001 година. Во Битола денеска ќе им биде оддадена почит на загинатите припадници на безбедносните сили од градот – Марјан Божиновски, Кире Костадиновски, Бошко Најдовски и Илче Стојановски.
Според најавите, делегации на полицијата, нивни колеги, претставници на институции, политички партии, здруженија и граѓани ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на загинатите бранители во кругот на СВР Битола, кај споменикот „Ангел“ кај градскиот часовник, како и на нивните вечни почивалишта во Породин, Долно Оризари, старите гробишта во Битола и пред споменикот во Ивањевци.
Нападот кај Вејце се случил на 28 април 2001 година во 17:45 часот, на патот меѓу Селце и Вејце на Попова Шапка. Во јавноста овој настан останува запаметен како една од најболните епизоди од конфликтот во 2001 година.
Во изминатите години, одбележувањето редовно се организира во Битола, а почит на загинатите се оддава и на местото на настанот. Годинава се навршува точно четврт век од трагедијата, со што денешните комеморации добиваат дополнителна тежина и симболика.






