Орце Ѓорѓиевски ги назначува новите в.д. директори во четири скопски јавни претпријатија
14/11/2025 9:35
Четири јавни претпријатија во Град Скопје ќе добијат нови вршители на должноста директори, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во гостување во телевизиска емисија.
Според него, изборот на новите раководители се темели на искуство, стручност и познавање на системот, со цел јавните претпријатија да станат поефикасни и самоодржливи.
👷 Нови в.д. директори – по претпријатија:
• ЈП „Улици и патишта“
За директор ќе биде назначен Борис Настов, кој ја извршуваше истата функција во почетокот на мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска.
• ЈП „Водовод и канализација“
Новиот в.д. директор ќе биде Иван Митровски, досегашен заменик-градоначалник на општина Кисела Вода.
• ЈСП „Скопје“
За ова претпријатие ќе биде назначено лице со долгогодишно искуство во ЈСП. Ѓорѓиевски изјави дека тоа е Саше Илиевски, вработен кој ги познава сите процеси во претпријатието и долги години е дел од системот.
• ЈП „Комунална хигиена“
Новиот в.д. директор ќе биде Драги Митковски, замиеник раководител на Сектор за Комунални работи во Град Скопје, човек кој, според градоначалникот, долги години работел во комуналниот сектор и кој се покажал исклучително успешно за време на акцијата „72 часа“. Ѓорѓиевски нагласи дека ова лице не е партиски експонирано и дека не е актуелниот в.д. директор.
📌 Ѓорѓиевски: Нема приватизација, нема поскапување на сметките
Градоначалникот повторно ги демантираше тврдењата дека планира приватизација на јавните претпријатија.
„Никогаш не сум кажал дека ќе ги приватизирам јавните претпријатија. Напротив, ќе работиме на нивно зајакнување и подобрување на капацитетите,“ рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека сметките за граѓаните нема да поскапат, потенцирајќи дека тоа било дел од неговите изборни ветувања.





