Албанија го отвора последниот кластер во преговорите со ЕУ – Македонија останува блокирана без уставни измени
17/11/2025 15:14
Албанија денес во Брисел ја одржува седмата меѓувладина конференција со Европската унија, на која се очекува официјално да биде отворен последниот кластер од пристапните преговори – оној што ги опфаќа ресурсите, земјоделството и кохезионите политики.
Овој кластер ги опфаќа поглавјата за:
-
земјоделство и рурален развој,
-
безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни стандарди,
-
рибарство и аквакултура,
-
регионален развој и структурни фондови,
-
финансиски и буџетски одредби.
Премиерот Еди Рама го нарече отворањето на последниот кластер „рекордно достигнување“, нагласувајќи дека Албанија ги затвора сите преговарачки поглавја во рок од само една година.
„Со ова, Албанија го прави невозможното – ги финализира сите поглавја за 12 месеци. Целта е преговорите да завршат до 2027 година, а членството во ЕУ да стане реалност до 2030 година“, изјави Рама.
Албанија стана кандидат за членство во 2014 година, а првиот кластер го отвори минатата есен. До тој момент, Тирана и Скопје напредуваа заедно во пакет.
Но, Македонија остана блокирана поради обврската за уставни измени – дел од компромисот постигнат во 2022 година, кога беше деблокирано бугарското вето од 2020 година. Македонија се обврза да ја внесе бугарската заедница во Уставот, а за возврат беше потврдено чисто јазично решение за македонскиот јазик.
Актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ бара дополнителни гаранции дека Бугарија нема да постави нови услови пред да се направат уставните измени.



