Крилото на Села се повлече од коалицијата НАИ – АА формира независна група во Собранието
19/11/2025 9:54
Крилото на Алијанса за Албанците (АА) предводено од Зијадин Села вчера официјално ја напушти коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ. Одлуката е донесена едногласно на седница на Централното претседателство, по што партијата соопшти дека ќе продолжи да делува самостојно, а пратениците во Собранието ќе формираат независна пратеничка група во наредните денови.
Во соопштението на АА се наведува дека автономното делување е резултат на „суштински и важни дискусии“ во рамките на партијата. Од крилото на Села потсетуваат дека коалицијата со која настапија на локалните избори освоила најмногу гласови и советнички мандати на национално ниво, но дека резултатот во трката за градоначалници бил „крајно неповолен“.
Партијата обвинува дека во процесот се соочила со „моќен државен инженеринг“ и координирани активности меѓу албанските партии на власт и македонски политички субјекти, кои, како што тврдат, работеле на реализирање на „платформата на ВМРО-ДПМНЕ за дефакторизација на Албанците“. Според нив, од овие политички процеси најмногу загубиле самите Албанци, кои биле „деградирани и на локално ниво“.
И покрај разидувањето, АА на Села истакнува дека останува фокусирана на „националната кауза и рамноправноста на Албанците“, како и на поправка на, како што велат, „штетите направени од актуелната влада“. Се позиционираат како силен опозициски глас и најавуваат продолжена комуникација со другите албански опозициски партии.
Повлекувањето од коалицијата Села го најави уште вчера во телевизиско интервју, во кое ги наведе условите под кои би го поддржал владиното мнозинство. Со вечерашната одлука на Централното претседателство, започнува самостојно политичко делување на ова крило на Алијансата.







One thought on “Крилото на Села се повлече од коалицијата НАИ – АА формира независна група во Собранието”
Comments are closed.