MKinformer

your daily dose of news

Уапсен братот на претседателката на Кривичен суд: Нов скандал во истрагата за „Пулс“

20/11/2025 12:58

Во координирана акција на Основното јавно обвинителство Кочани и Министерството за внатрешни работи, утрово е приведен Драган Паунов, вработен во Управата за јавни приходи – Штип. Паунов е брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд – Скопје, Даниела Димовска, а неговото апсење е поврзано со истрагата за работењето на кочанската дискотека „Пулс“, каде во пожарот загинаа 63 лица.

Според истражните органи, Паунов бил во континуирана комуникација со Дејан Јованов – Деко, синот на сопственикот на дискотеката. Размената на пораки меѓу двајцата е дел од доказниот материјал во истрагата. Името на Паунов првпат се појави во сторија на ИРЛ, каде беа објавени комуникации меѓу членовите на семејството Јованови и инспектори од УЈП, ДПИ и полициски структури. Во тие пораки се споменуваат сомнежи за координирани дојави пред инспекциски контроли, потенцијални подароци како поткуп и тврдења дека полициски службеници биле редовни посетители на локалот, иако работел без исполнети законски услови.

Од МВР потврдија дека акцијата е во тек и дека се спроведуваат повеќе оперативни активности на различни локации во државата.

„Полициски службеници од СВР Штип и ОВР Кочани, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција и по насоки на ОЈО Кочани, преземаат повеќе активности. По завршувањето на акцијата јавноста ќе биде соодветно информирана“, соопштија од МВР.

Од Обвинителството најавуваат дека во текот на денот се очекуваат дополнителни информации за акцијата и можни нови мерки поврзани со случајот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!