MKinformer

your daily dose of news

Братот на претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска обвинет за поткуп: За подароци дојавувал контроли во „Пулс“, тврди Обвинителството

27/10/2026 12:38

Братот на Димовска, претседателката на Кривичниот суд е обвинет за поткуп во новиот предмет поврзан со контролите во дискотеката „Пулс“ и други фирми на истите сопственици.

Станува збор за Драган Паунов, даночен контролор во УЈП и брат на претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска.

Паунов и претходно беше во фокусот на јавноста откако беа објавени информации дека комуницирал со Михајло Јованов, синот на сопственикот на „Пулс“, и дека му пренесувал информации за инспекциски контроли.

Сега случајот доби нова, значително посериозна фаза – Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт.

Од сомнежи и пораки до обвинителен акт

Според Обвинителството, двајца даночни контролори побарале и примиле подароци – очила и рачен часовник – за да информираат одговорно лице кога ќе има ненајавени вонредни контроли во фирмите.

Еден од нив, според обвинението, преку пораки на Вибер пренесувал информации и за постапувањето на УЈП и МВР.

Медиумите уште во 2025 година објавија дека меѓу двајцата контролори е и Драган Паунов, брат на Даниела Димовска.

Тогаш во јавноста се појавија и делови од комуникацијата со синот на сопственикот на „Пулс“, како и информации за подароци што наводно ги добивале инспекторите.

Неправилности утврдени, но не и запишани

Обвинението не се однесува само на дојавување контроли.

Според Обвинителството, двајцата контролори на 6 март 2024 година извршиле контрола во правен субјект поврзан со обвинетите.

Таму утврдиле даночни неправилности и нерегистриран промет, но незаконитоста не ја внеле во записникот.

Со тоа, според обвинението, на буџетот му била причинета штета од 98.400 денари преку ненаплатена глоба.

Еден од обвинетите се товари и дека го фалсификувал службениот извештај за контролата.

Уапсен братот на претседателката на Кривичен суд: Нов скандал во истрагата за „Пулс“

„Пулс“ ги извади инспекторите во фокусот на јавноста

Особено важен е фактот што работата на овие инспектори стана предмет на пошироко внимание дури по трагедијата во „Пулс“, каде што во пожарот на 16 март 2025 година загинаа 63 лица.

Истражувачкото новинарство подоцна објави комуникации кои отворија прашања за односите меѓу инспектори и лицата што стоеле зад клубот.

Токму по објавувањето на тие информации беа отворени дополнителни постапки и против лица од УЈП.

Брат обвинет, сестрата напредуваше во судството

Дополнителна чувствителност на случајот му дава семејната врска на Паунов со Даниела Димовска, која во меѓувреме стана претседателка на Основниот кривичен суд Скопје.

Токму во тој суд се води големиот судски процес за трагедијата во „Пулс“, иако предметот против нејзиниот брат за поткуп и злоупотреби го водат обвинителството и судот во Кочани.

Димовска претходно изјави дека нејзините лични и семејни околности немаат и не можат да имаат влијание врз постапувањето во предметите.

Таа, исто така, на новинарско прашање призна дека во јавноста може да постои перцепција за можно влијание, но нагласи дека предметот против нејзиниот брат не е во надлежност на судот со кој таа раководи.

И покрај сите контроверзии, Даниела Димовска избрана за претседател на Основниот кривичен суд

Дали ова бил изолиран случај?

Новиот обвинителен акт отвора и пошироко прашање за функционирањето на инспекцискиот систем.

Ако обвинителските наводи се докажат, не станува збор само за еден пропуст при една контрола, туку за модел во кој службени лица наводно добивале подароци, откривале службени информации, премолчувале неправилности и менувале службени документи.

Тоа само по себе не е доказ дека истите лица примале поткуп или подароци и од други компании.

Но, природно го отвора прашањето дали „Пулс“ бил единствен случај или само случајот преку кој ваквото однесување првпат станало видливо за јавноста.

Одговор на тоа прашање можат да дадат единствено понатамошните истраги и проверката на претходните контроли што ги вршеле обвинетите инспектори.

Деветмина обвинети

ОЈО Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против уште шест.

Покрај поткупот, предметот опфаќа сомнежи за злоупотреба на службената положба, одавање службена тајна и фалсификување службени исправи.

Опфатени се даночни контролори и инспектори, вработена во Државниот пазарен инспекторат, како и лица поврзани со фирмите што биле предмет на контролите.

Братот на Димовска, претседателката на Кривичниот суд е обвинет за поткуп, но обвинението допрва треба да биде докажано во судска постапка. Сите обвинети се сметаат за невини сè додека нивната вина не биде утврдена со правосилна пресуда.

error: Содржината е заштитена од копирање !!