MKinformer

your daily dose of news

Интензивните дождови го подигнаа нивото на Дебарско Езеро

21/11/2025 19:28

Интензивните дождови кои го зафатија дебарското сливно подрачје изминатите денови значително го зголемија дотекот на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“, во која се влеваат реките Радика и Црн Дрим со нивните притоки. Од АД ЕСМ за МИА информираат дека нивото на езерото за само четири дена пораснало за два метри.

На 17 овој месец котата на езерото изнесувала 562,48 метри со вкупен дотек од 40 кубни метри вода во секунда. Денес, нивото е зголемено на 564,55 метри, со значително зголемен дотек од вкупно 128,50 кубни метри вода во секунда. Од нив, 104,32 кубни метри се од локалниот слив, а дополнителни 24,19 кубни метри во секунда пристигнуваат од ХЕ „Глобочица“. Во истиот период во регионот наврнале 95 литри дожд на квадратен метар.

Водите од акумулацијата ги користи ХЕ „Шпилје“ за производство на електрична енергија. Максималната кота на езерото е 580 метри надморска височина, а капацитетот изнесува 506 милиони кубни метри вода.

Од ЕСМ уверуваат дека ХЕ „Шпилје“ работи со целосна погонска подготвеност:
„Сите три агрегати се во функција и очекуваме дека најавените врнежи за викендот нема да создадат проблем. Дел од дотекот ќе се преработува преку агрегатите, а дел ќе се складира за потребите во понатамошниот тек од грејната сезона“.

ХЕ „Шпилје“ е дел од хидроенергетскиот систем „Црн Дрим“, во кој припаѓа и ХЕ „Глобочица“. Во функција е од 1969 година и годишно испорачува околу 272 гигават-часови електрична енергија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!