Брутално претепана тинејџерка во Штип: обвинувања за притисок од обвинителка, семејството бара одговорност
21/11/2025 10:19
Штип го потресе шокантен случај на насилство меѓу малолетници, по бруталниот напад врз тинејџерка, снимен и споделен на социјалните мрежи. На видеото се гледа како група малолетнички жестоко ја удираат и влечат својата врсничка, додека никој не интервенира.
Но вистинскиот потрес доаѓа по обвинувањата на таткото на претепаното девојче. Според информациите објавени од Порталикс, таткото тврди дека обвинителката Татјана Кацарова се обидела да го разубеди да не го продолжи случајот. Како што изјавил, обвинителката му кажала дека „немало доволно докази“, бидејќи снимката била направена со мобилен телефон од друго дете.

Таткото тврди и дека му било посочено оти лекарската документација за повредите на неговата ќерка е „стара“, иако, според него, била извадена само неколку дена по нападот.
„Ми рече да не се надевам на некаков резултат. Но јас ќе одам до крај. Мора да има правда за моето дете“, изјави таткото, револтиран од односот на институциите.
Адвокатката Маја Ристова предупредува дека одговорност мора да има и за насилничките, но и за нивните родители, кои, како што вели, имаат законска должност да се грижат за однесувањето на своите деца.
Од Основното јавно обвинителство во Штип засега нема официјален став за случајот, што дополнително ја поттикнува загриженоста и сомнежите на јавноста за евентуално институционално молчење






