УРЕДНИЧКИ КОМЕНТАР: Кога обвинителството ќе те разубедува да бараш правда, системот веќе паднал
21/11/2025 10:53
Случајот во Штип не е само уште една мрачна приказна за малолетничко насилство. Тоа е огледало на систем кој очигледно заборава дека неговата прва обврска е заштитата на жртвата, а не комфорниот мир на институционалната апатија.
Обвинувањата кон обвинителката Татјана Кацарова, дека на таткото на претепаното девојче му порачала „да не се надева на резултат“ и дека „немало докази“ и покрај јавно достапната видео-снимка, отвораат сериозни, алармантни и неприфатливи прашања.
Како е можно снимка на брутално малолетничко насилство да се оцени како недоволен доказ? Како може медицинска документација извадена неколку дена по нападот да се прогласи за „стара“? И уште поважно: каква порака испраќа еден државен обвинител кога родител на жртва го обесхрабрува да го бара она што е основно човечко и правно право – правда?
Токму затоа мора директно да прашаме:
1. ДАЛИ СО ВАКВИТЕ СТАВОВИ И МИСЛЕЊА НА ОБВИНИТЕЛКАТА НЕ СЕ ПРЕДИЗВИКУВА И НАВЕДУВА НА КРИВИЧНО ДЕЛО „САМОВЛАСТИЕ“?
Кога институцијата вели дека „нема докази“, а јавноста гледа бруталност, дали тоа не е повик граѓаните да ја земат правдата во свои раце, бидејќи „системот не гледа ништо“? Дали ваквиот пристап не создава средина во која родителите, граѓаните, па и самите малолетници ќе веруваат дека единствен начин да добијат правдина е преку самоиницијативно делување, нешто што законски е забрането и опасно?
И второто, уште пострашно прашање:
2. КОЈ ЌЕ БИДЕ ОДГОВОРЕН, ДОКОЛКУ ПО ВАКВИТЕ СТАВОВИ И МИСЛЕЊА НА ОБВИНИТЕЛКАТА, ПРИЈАТЕЛИТЕ НА ЖРТВАТА НАПРАВАТ ПОГОЛЕМО НАСИЛСТВО ВО ЗНАК НА ОДМАЗДА?
Што ако некој од околината на девојчето, револтиран од институционалната незаинтересираност, реши да „врати удар“? Дали тогаш обвинителката ќе каже дека не можела да предвиди ескалација? Или пак јавноста повторно ќе биде обвинета за „агресија“, додека коренот на проблемот останува недопрен: институционалното молчење и обесхрабрување на жртвите?
Овој случај е многу повеќе од административна грешка или погрешна проценка. Тој е аларм за распадот на довербата во обвинителството. Кога жртвите се чувствуваат како да мораат да се борат сами против системот, тогаш државата не ја врши својата работа.
Обвинителството во Штип мора итно и транспарентно да одговори. Јавноста заслужува објаснување. А жртвата „минимално“ заслужува институции кои барем ќе се обидат да ја заштитат, наместо да ја убедуваат дека нема смисла да бара правда.
Пишува
Борислав Стоилковиќ






