Струмица спроведе 43 вонредни надзори за животна средина и јавна чистота
26/11/2025 12:29
Општина Струмица информира дека инспекторите од Секторот за инспекциски работи во периодот од 1 до 24 ноември спровеле вкупно 43 вонредни инспекциски надзори, со цел превенција и репресија против загадувањето на амбиентниот воздух, нарушувањето на животната средина и одржувањето на јавната чистота.
Како што соопшти локалната самоуправа, една од критичните локации била улицата „Антон Панов“, каде што често се фрла отпад од стари моторни возила на земјиште во сопственост на правни и физички лица, како и на јавни површини. Во соработка со СВР Струмица, инспекторите обезбедиле материјални докази кои ќе бидат искористени за кривичен прогон против сторителите.
Во наведениот период, општинскиот инспектор за животна средина спровел 12 вонредни надзори, комуналните инспектори 17, а градежните инспектори 14 вонредни надзори.
Од Општината најавуваат дека, врз основа на утврдената состојба, против сите правни и физички лица кои постапуваат спротивно на законските прописи ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Секторот за инспекциски работи апелира до граѓаните и компаниите да работат и да се однесуваат согласно законските обврски, со цел намалување на аерозагадувањето и одржување на повисоко ниво на јавна чистота во Општина Струмица.






