MKinformer

your daily dose of news

Како старее мозокот? Научниците ги открија фазите на неговиот животен циклус

28/11/2025 10:15

Мозокот останува во својата адолесцентна фаза многу подолго отколку што се сметаше, сè до раните 30-ти години, покажува ново научно истражување објавено во списанието Nature Communications. Тим од Универзитетот во Кембриџ анализирал мозочни скенирања на околу 4.000 луѓе на возраст до 90 години, следејќи ги промените во врските меѓу мозочните клетки и фазите низ кои минува човечкиот мозок.

Научниците идентификуваа пет јасно изразени пресвртни точки во развојот: на околу 9, 32, 66 и 83 години, што одговараат на детството, адолесценцијата, зрелоста, раната старост и доцната старост.

Водечката авторка, д-р Алекса Моусли, за BBC изјави дека мозокот „се поврзува повторно и повторно“ во текот на животот, но не со ист интензитет. Врските меѓу невроните се зајакнуваат и слабеат во различни периоди, создавајќи јасни животни фази кои се совпаѓаат со физички, психолошки и социјални промени.

Петте фази на мозочен развој

Детство (до 9 години):
Мозокот доживува брз раст, но и „прочистување“ на излишните синапси. Во оваа фаза тој работи неефикасно и е карактеристичен експерименталниот пристап на децата при учење и движење.

Младост / Адолесценција (9–32 години):
Околу деветтата година започнува најдраматичната транзиција. Мозочните врски стануваат многу поефикасни и го достигнуваат својот врв околу 30–32 годишна возраст. Ова е и периодот кога ризикот од ментални нарушувања е највисок.

Зрелост (32–66 години):
Најдолгиот и најстабилен период. Промените се поспори, но постепено се губат дел од когнитивните подобрувања. Овој период се совпаѓа со „платото“ на интелигенцијата и стабилизацијата на личноста.

Рана старост (66–83 години):
Мозокот почнува да се „распарчи“ во локални групи, наместо да функционира како единствен систем. Тука често се појавуваат ефектите од деменција и кардиоваскуларни проблеми.

Доцна старост (над 83 години):
Промените се слични како во раната старост, но уште поизразени. Научниците велат дека податоците се поретки, бидејќи е тешко да се пронајдат доволно здрави мозоци за споредба.

Истражувањето не ги дели резултатите по пол, што остава отворени прашања за разликите меѓу мажи и жени и евентуалното влијание на процеси како менопаузата.

Професорот Данкан Астл од Кембриџ истакнува дека многу невролошки и ментални нарушувања се поврзани со тоа како мозокот е „конфигуриран“, а ова знаење може да помогне подобро да се предвидат проблеми со памтењето, вниманието или однесувањето.

Професорката Тара Спирс-Џонс од Единбург го оцени трудот како „одличен“, бидејќи јасно ја прикажува динамиката на мозочните промени низ животот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!