MKinformer

your daily dose of news

За празниците расте бројот на срцеви и мозочни удари: Лекарите апелираат на внимателност

02/01/2026 15:49

Бројот на срцеви и мозочни удари е статистички повисок за време на празниците, поради што е неопходна зголемена внимателност, изјави за МИА д-р Драган Панов, шеф на смена во Брза помош – Скопје.

Според него, празничниот период носи значителен стрес за кардиоваскуларниот систем, пред сè поради прекумерна консумација на солена и мрсна храна, алкохол и енергетски пијалаци, како и поради ниските температури, кои предизвикуваат стеснување на крвните садови и зголемување на крвниот притисок.

„За жал, постои медицински позната состојба наречена „Holiday heart syndrome“ (синдром на празнично срце)“, нагласи д-р Панов.

🚑 Итна помош под зголемен притисок

Вообичаено, Службата за Итна медицинска помош во Скопје за време на новогодишната ноќ бележи од 80 до 120 интервенции, при што дел од нив се поврзани со акутни срцеви и мозочни удари. Иако бројките не секогаш драстично отстапуваат од претходните години, тие се значително повисоки во споредба со „мирни“ периоди во текот на годината.

Дополнителен проблем, според лекарите, е доцнењето со барање медицинска помош, бидејќи дел од граѓаните ги игнорираат првите симптоми за да не го „расипат“ празничното славење, па во болница пристигнуваат во критична состојба.

📈 Загрижувачки тренд кај помлади лица

Д-р Панов посочува дека во последните години се забележува благ, но континуиран пораст на кардиоваскуларни настани, како кај повозрасни, така и кај помлади лица.

Срцеви удари најчесто се регистрираат кај лица на возраст 75–80 години со хронични заболувања, но загрижувачки е што сè почесто се јавуваат и кај млади на возраст од 30 до 35 години“, вели тој.

Причините, според него, вклучуваат начин на живот, пост-ковид зголемена инциденца на тромбози, хроничен стрес, седентарност, пушење и аерозагадувањето, кое во зимските месеци во Скопје е особено изразено.

„ПМ10 честичките директно влегуваат во крвотокот и предизвикуваат воспаление на артериите, што може да биде директен тригер за инфаркт на срце или мозок“, истакна д-р Панов.

Лекарите апелираат граѓаните за време на празниците да бидат умерени во исхраната, да го ограничат алкохолот, да се заштитат од студот и навремено да побараат медицинска помош при појава на симптоми.

error: Содржината е заштитена од копирање !!