Од 1 јануари стартува „Safe City“ – камерите ќе ги казнуваат сообраќајните прекршоци, стартува и тест периодот во декември
28/11/2025 18:10
Од 1 јануари 2026 година, системот „Safe City“ официјално ќе започне со автоматска детекција и санкционирање на сообраќајните прекршоци низ државата. Камерите поставени на повеќе локации ќе регистрираат секое прекршување на правилата, а возачите во рок од 24 часа ќе добијат СМС или е-пошта со фотографија од прекршокот. Казните потоа ќе бидат доставени на домашна адреса.
Во текот на декември годинава ќе се спроведе тест-период без изрекување казни, за да се подготви системот пред целосната имплементација. Проектот најпрво ќе биде активен во Скопје и уште два градови, а до средината на 2026 година ќе биде проширен на целата држава.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека „Safe City“ ќе внесе големи промени во сообраќајната култура. Според него, системот ќе ги елиминира можностите за избегнување одговорност и ќе го поттикне почитувањето на правилата.
„Верувам дека со ова решение за кратко време ќе го промениме односот на граѓаните кон сообраќајот. Нема да постои простор за манипулации или избегнување казни“, нагласи Тошковски.





