MKinformer

your daily dose of news

Опозицијата против редот: Јазикот и казните како „аргумент“

23/01/2026 20:55

Кога безбедноста се релативизира, а државата се сведува на пазар на привилегии.

Денешната дебатата во Собранието на Република Македонија за „Safe City“ ја извади на површина целосната вредносна конфузија на опозицијата и од албанскиот и од македонскиот политички кампус.
Наместо фокус на безбедност, ред и еднакви правила за сите, добивме барања што личат повеќе на тргување со државниот систем отколку на сериозна законска расправа.

Една од главните забелешки на опозицијата од албанскиот кампус (ДУИ и Алијанса за Албанците) е што пораките за сообраќајни прекршоци нема да се испраќале и на албански јазик.

Прашањето што логично се наметнува е: Зошто само на албански?
По која логика една заедница би била привилегирана во државен безбедносен систем?

Во Република Македонија не живеат само Албанци. Тука се и Роми, Срби, Власи, Турци, Бошњаци и други заедници. Ако државата навистина се грижи за сите граѓани, тогаш правилата мора да важат подеднакво за сите. Во спротивно, тоа не е еднаквост, тоа е институционализирана привилегија.

Уставен и прв службен јазик на целата територија на државата е македонскиот јазик. Тоа е јазикот на законите, институциите и државните системи. Секој што живее, работи, вози и плаќа казни во оваа држава мора да го познава македонскиот јазик.
Никој не е турист во сопствената држава.

Ова не е прашање на етнички права, туку на функционалност и државен ред. „Safe City“ не е културен или идентитетски проект, тоа е безбедносен систем. Законот мора да биде јасен, ефикасен и применлив. Или сите играме по истите правила, или нека престанат приказните за наводна еднаквост.

Од другата страна, опозицијата од македонскиот кампус (Левица и СДСМ) се фокусира на висината на казните, третирајќи ги како социјален проблем. Според нивната логика, секој треба да има „можност“ да ја плати казната.

Но казните не се наменети да бидат лесно платливи, тие се превенција.
Ако улиците се исти за сите, ако сообраќајните правила важат за сите, ако животот и безбедноста се еднакви за сите, зошто би биле казните различни?

Барањето казните да се пресметуваат според примањата е опасен преседан. Со истата логика утре ден, може да се побара и кривичните дела да се санкционираат „според џебот“, апсурд што целосно го урива правниот поредок.

Ако казната може секој лесно да ја плати, тогаш таа престанува да биде казна. Ќе продолжиме да живееме во хаосот „ќе возам како сакам, ќе си платам“. Наместо да се борат за транспарентност, јавно објавување на сите казнети и проверка дали казните навистина се платени, опозициските партии повторно бранат систем на привилегии.

Животот и безбедноста се буквално исти и за оној со 50.000 и за оној со 500.000 денари месечни примања.
Ако некој смета дека казната е висока, има демократско право на избор:
или ќе вози според правилата или нема да учествува во сообраќајот.

Очигледно е дека вредностите кај опозицијата се сериозно изместени. Наместо држава со ред и одговорност, тие нудат држава со исклучоци, алиби и пазарење со безбедноста на граѓаните.

Пишува

Борислав Стоилковиќ

error: Содржината е заштитена од копирање !!