MKinformer

your daily dose of news

Статистика: Браковите паѓаат, разводите растат, продолжува демографската криза

28/11/2025 10:55

Државниот завод за статистика ги објави најновите демографски показатели, кои уште еднаш ја потврдуваат влошената состојба со природниот прираст и брачната стабилност во земјата.

Во третото тримесечје од 2025 година (јули–септември) се склучени 3.514 бракови, што претставува пад од 2,8% во однос на истиот период минатата година. Паралелно со тоа, бројот на разведени бракови бележи значителен пораст – регистрирани се 470 разводи, односно 27,7% повеќе од лани.

Податоците покажуваат и умерен раст на наталитетот. Во периодот јули–септември се родени 4.431 деца, што е 3,7% повеќе во споредба со третото тримесечје од 2024 година.

Бројот на умрените лица изнесува 4.849, што претставува намалување од 0,5% во однос на истиот квартал лани. Меѓу починатите се регистрирани и 20 доенчиња.

И покрај растот на родени деца, природниот прираст останува негативен и изнесува –418, што значи дека има повеќе починати отколку живородени деца.

Од Државниот завод за статистика нагласуваат дека овие показатели ја потврдуваат продолжената демографска криза во земјата, со трендови кои предупредуваат на сериозни долгорочни предизвици.

error: Содржината е заштитена од копирање !!