Ревизија: Општина Сарај делела субвенции без фактури, паушали без критериуми и водела хаотична евиденција на имотот
02/12/2025 15:22
Финансиското работење на Општина Сарај во 2024 година е оценето со сериозни системски пропусти, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Според документот, општината исплаќала субвенции без програма и без фактури, доделувала средства без јасни критериуми и имала несредена евиденција на својот имот.
Ревизорите утврдиле дека кон ЈКП „Сарај“ и ЈП „Акциос“ биле исплатени 487.805 евра субвенции, без приложена документација која би покажала за кои активности се наменети средствата и каков ефект произлегол од нив. Ваквата пракса, според ДЗР, ги нарушува транспарентноста и контролата врз трошењето на јавните пари.
Во извештајот се посочува и дека општината исплатила 93.415 евра на лица ангажирани по договор за дело за редовни административни задачи, и тоа континуирано повеќе од две години – што упатува на прикриени работни односи. За адвокатски услуги, пак, биле исплаќани 17.560 евра преку месечен паушал што отстапува од вообичаените тарифници.
Дополнителен проблем е и распределбата на 71.740 евра за ученици, здруженија, фондации, спортски клубови и поединци, без евалуација на проектите и без правилник со јасни критериуми. Според ревизијата, на овој начин донациите се претвораат во дискреционо трошење наместо во транспарентна политика на јавна поддршка.
ДЗР нотира и сериозен хаос во имотното работење: дел од недвижностите се непроценети и неевидентирани, капиталните вложувања од 2,3 милиони евра не се заведени како материјални средства во подготовка, а општината има неприкажани побарувања од над 400.000 евра по основ на даноци и комунални такси. Нема извршено ниту попис за усогласување на фактичката состојба со сметководствената.
Во извештајот се нагласува дека дел од инфраструктурните објекти – канализации, водоводи, локални улици и други системи – со вредност од над 2 милиони евра, сè уште се водат како инвестиции во тек, бидејќи немаат документација за технички прием.
Посебен дел се однесува на спортско-рекреативниот центар и базенот во Сарај, даден под закуп на 25 години, без соодветна постапка за долгорочен закуп, што според законските правила претставува сериозно прекршување на процедурите за управување со јавен имот.
Ревизорите укажуваат и на неправилности во јавните набавки – нејасно дефинирани тендери, работи изведени надвор од техничката спецификација и пречекорување на вредносните прагови – што ја доведува во прашање фер конкуренцијата и заштитата на јавниот интерес.
Како дополнителен проблем, општината нема изготвено предлог-план на развојни програми, а во буџетот недостасуваат клучни ставки за јавна чистота, осветлување, зеленило, субвенции за јавни претпријатија, заштита и спасување и родова еднаквост.
Извештајот ја претставува Општина Сарај како институција со нарушено буџетирање, слаб надзор и системска нефункционалност. Останува да се види дали раководството ќе ги спроведе препораките и дали ќе има одговорност за утврдените неправилности.





