Ново намалување на откупната цената на суровото млеко: сточарите предупредуваат на колапс на производството
04/12/2025 10:02
Сточарите низ земјава се соочуваат со нов шок: дел од млекарниците најавиле намалување на цената на суровото млеко за 1 до 3 денари по литар, што дополнително го продлабочува кризното работење во секторот. Многу фармери велат дека сточарството станало неиздржливо и предупредуваат дека новиот пад на откупната цена ќе предизвика уште едно масовно намалување на сточниот фонд.
Во моментов, цената што ја добиваат сточарите се движи меѓу 27 и 33 денари за литар, зависно од млекарницата и начинот на предавање. Најпогодени се малите производители што предаваат млеко на пунктови — со цена од 27 до 28 денари.
Од Пелагонија веќе пристигнале првите најави за намалување на цената, со образложение дека паднал квалитетот на млекото. Од Здружението „Пелагониско поле“ велат дека вистинската состојба ќе се види по пристигнување на кантарните белешки за декември.
Сточарот Борче Бучински од Могила, кој годишно произведува околу 30 тони млеко, сведочи дека ситуацијата е алармантна: со 31 денар по литар и премија од 6 денари, трошоците стануваат непребродливи — од струја и нафта до намалените субвенции по грло крава (од 12.000 на 8.000 денари).
Од дел млекарници велат дека цената се движи околу 50 евроценти и дека пазарната економија го диктира движењето на откупот. Дополнителен проблем е увозот на млеко од Унгарија, Србија и Бугарија по значително пониски цени.
Сточарите веќе со месеци реагираат и за доцнењето на премиите за млекото, а ситуацијата е различна од фарма до фарма — некои добиле премија за два месеца, други за три, а трети воопшто не добиле ниту денар по контролите од институциите.
Барањето на сточарите е јасно: итно исплаќање на премиите за првите шест месеци од 2025 година, бидејќи веќе се стигнати за исплата и средствата за вториот дел од годината. Проблем имаат и овчарите — државата им должи уште по 1.400 денари по грло за 2024 година.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски пред два дена оствари средба со претставниците на секторот, најавувајќи дека се анализираат предизвиците и можните промени во програмите за 2026 година. Но сточарите велат дека без конкретни рокови за исплата на субвенциите — кризата само ќе се продлабочи.






