Еве како ќе ја платите казната доколку ве улови камера на „Сејф Сити“
09/12/2025 9:59
Началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, во гостување на „Сител“ изјави дека системот „Безбеден град“ (Сејф сити) ги регистрира и табличките во боја на службените возила. Сепак, сè уште не е утврдено дали тие возила ќе бидат дел од групата исклучоци – заедно со противпожарните и возилата на итната помош кога интервенираат на терен.
На прашањето дали ќе се казнува возење 1 километар над дозволената брзина, Топаловски не даде конкретен одговор. Тој објасни дека полицијата ја анализира европската пракса пред да донесе конечна одлука.
Возилата со ВИП-статус, во кои се превезуваат носители на највисоки државни функции, нема да подлежат на казни, бидејќи се движат под посебен сообраќаен режим.
Топаловски откри и дека се работи на подобрување на процесот на плаќање на глобите:
„Граѓаните и сега можат да платат преку банка или преку мобилни апликации, но голем дел сè уште не веруваат во електронско плаќање. Размислуваме за создавање специјализирана апликација со единствен број за секоја казна. Техничарите веќе работат на ова решение“, порача тој.





