МВР ја одложи примената на „Безбеден град“: еве од кога ќе започне со казнување!
12/12/2025 10:36
По неколкунеделното тестирање и испраќање предупредувачки СМС-пораки, Министерството за внатрешни работи донесе одлука да ја помести официјалната примена на системот „Безбеден град“ („Safe city“). Наместо од 1 јануари, камерите ќе почнат да регистрираат и санкционираат прекршоци од 1 февруари 2026 година, потврдија за „360 степени“.
Од МВР посочуваат дека од февруари системот ќе функционира во Скопје, Тетово и Куманово, како и долж транспортните коридори 8 и 10. Во тест-периодот камерите веќе ги детектираат прекршоците, но наместо казни се испраќаат само опомени – мерка што овозможува подобра подготовка за стартот на целосната примена.
Одложувањето доаѓа додека Министерството размислува за корекции во политиката на санкционирање, вклучително и можност за толеранција кај ограничувањата на брзината. Се разгледува опцијата да не се казнуваат возачи што по грешка возат 52–53 km/h во зони со дозволени 50 km/h.
Со новиот датум, институциите добиваат дополнително време за финално усогласување на системот, а возачите – уште еден месец пред камерите да почнат да испраќаат вистински казни.




