MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски: „Дури ни Филипче и СДСМ повеќе не велат ‘северна’ – Македонија се врати во употреба“

15/12/2025 23:05

Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител изјави дека во пракса се гледа промена во користењето на името Македонија, посочувајќи го како пример лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче.

Според Мицкоски, иако СДСМ во минатото инсистирал на користење на уставното име „Северна Македонија“, денес нивните функционери, вклучително и Филипче, во јавните настапи сè почесто го користат поимот Македонија.

„Велеа дека не може да ми се верува, дека нема да се врати името и дека Преспанскиот договор нема да се поништи. А еве, го вративме – дури и Венко, кому устата му беше полна со ‘северна’, сега зборува за Македонија“, изјави премиерот.

Тој додаде дека истата пракса ја забележува и кај други претставници на СДСМ, кои, како што рече, денес се претставуваат како големи патриоти, иако токму нивната партија го потпишала Преспанскиот договор со Грција и прифатила, според него, капитулантски позиции и во односите со Бугарија.

„Сега зборуваат како да ќе освојуваат територии, а ниеднаш не го користат зборот ‘северна’. Устата им е полна со Македонија – и тоа е факт“, истакна Мицкоски.

На забелешката на новинарот дека уставното име на државата формално останува Република Северна Македонија, премиерот оцени дека опозицијата води погрешна и манипулативна политика, особено околу темата за наводен прием на одбиени азиланти од Обединетото Кралство.

„Водат лажна кампања што повторно ќе им се удри од глава на избори. На државата ѝ е потребна зрела опозиција, која барем ќе го достигне својот политички биолошки минимум“, порача Мицкоски.

error: Содржината е заштитена од копирање !!