Холивуд во шок: Режисерската легенда Роб Рајнер и сопругата пронајдени мртви – полицијата истражува брутално убиство
15/12/2025 10:37
Полицијата во Лос Анџелес спроведува интензивна истрага за, како што го опишуваат, „очигледно убиство“, откако во неделата попладне по локално време беа пронајдени безживотните тела на легендарниот холивудски режисер и актер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел во нивниот дом во елитната населба Брентвуд.
Противпожарните екипи биле повикани на адреса на авенијата Чедбурн околу 15:38 часот, по пријава за медицинска итна состојба. На лице место биле затекнати 78-годишниот Рајнер и неговата 68-годишна сопруга, кои биле прогласени за мртви. Извор близок до семејството за Би-би-си изјавил дека двојката имала повеќекратни убодни рани.
Сомнежите водат кон член на семејството
Повеќе извори за списанието „Пипл“ тврдат дека за убиството е осомничен нивниот син Ник Рајнер. Полициски претставник за Асошиејтед прес потврдил дека полицијата испрашува член од семејството, но засега нема официјално подигнати обвиненија.
Детективите од одделот за убиства при Полициската управа на Лос Анџелес веднаш ја презеле истрагата, која сè уште е во тек. Властите не објавија дополнителни детали за мотивот и околностите на трагедијата.
Холивудска икона со богато наследство
Роб Рајнер важи за еден од највлијателните режисери во историјата на Холивуд. Зад себе остави култни филмови како „Кога Хари ја запозна Сали“, „Мизери“, „Неколку добри луѓе“, „Кралската невеста“ и „Ова е Спинал Тап“.
Својата кариера ја започна како актер во 1970-тите, стекнувајќи голема популарност со улогата на Митхед во серијата „Сите во семејството“. Претходно беше во брак со актерката Пени Маршал, а во 1989 година стапи во брак со Мишел Рајнер, актерка и фотографка. Двојката имаше три деца – Џејк, Ник и Роми.
Политички ангажман и културно влијание
Покрај уметничката кариера, Рајнер беше познат и по својот активен политички ангажман. Јавно ги поддржуваше демократските кандидати Ал Гор, Џон Кери и Хилари Клинтон и често се вклучуваше во општествени кампањи.
Мишел Рајнер, пак, беше истакната фотографка, а токму таа ја направи познатата фотографија на Доналд Трамп за корицата на книгата „Трамп: Уметноста на договорот“.
Реакции од јавноста
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, трагедијата ја нарече „разорна загуба за градот и за целата земја“.
„Роб Рајнер остави длабока трага во американската култура и општество. Неговата креативност и борбата за социјална правда допреа до милиони луѓе. Срцето ми е скршено поради смртта на Роб и Мишел“, изјави Бас, додавајќи дека истрагата мора темелно да се расчисти.






