Левица одржа Централен комитет: Ова се заклучоците
15/12/2025 11:09
Вчера се одржа 29-та седница на Централниот комитет на политичката партија Левица, на која беше спроведена детална и сеопфатна анализа на резултатите од локалните избори, како и на целокупниот изборен процес.
Во рамки на пленарната расправа, членовите на ЦК ги разгледаа резултатите по општини и констатираа дека Левица бележи јасен и континуиран раст, како во бројот на освоени советнички мандати, така и во своето политичко влијание меѓу граѓаните. Од партијата оценуваат дека овој тренд е директен резултат на нивната принципиелна, доследна и бескомпромисна политика, која, како што наведуваат, добива сè поголема поддршка.
Централниот комитет дискутираше и за начинот на кој се одвиваа локалните избори, при што беа посочени структурни слабости, политички притисоци и нерамноправни услови, како и улогата на, како што ги нарекоа, естаблишмент партиите во зачувување на постојното статус-кво. Во таа насока беше истакнато дека Левица останува единствена политичка опција која јавно и без калкулации ги разобличува овие појави.
Посебен акцент беше ставен на работата на советниците на Левица во општинските совети низ државата. Според заклучоците на ЦК, советниците на Левица ќе дејствуваат како главна и единствена опозиција на ВМРО-ДПМНЕ во локалната власт, со фокус на заштита на јавниот интерес, транспарентност, отчетност и борба против корупцијата, урбанистичките злоупотреби и партизацијата на општините.
Од Левица порачуваат дека ќе продолжат да бидат автентична опозиција и на централно и на локално ниво, без компромиси со принципите и без учество во широки коалиции. „Борбата продолжува организирано и бескомпромисно, со јасна визија и цел – враќање на институциите во рацете на граѓаните“, се наведува во партиските заклучоци.






