Измени на Законот за сообраќај: Секое пречекорување ќе се санкционира
16/12/2025 10:37
Возач кој е под дејство на опојни дроги и психотропни супстанци нема да смее да управува со возило, ниту да започне со возење, предвидуваат новите измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои се поднесени во Собранието од група пратеници.
Според предложените одредби, за возач ќе се смета дека е под дејство на дроги или психотропни супстанци доколку со анализа на крв, урина или со друг метод за мерење се утврди присуство на овие средства во организмот.
Пратениците наведуваат дека високата стапка на сообраќајни незгоди со смртни последици и тешки повреди ја вбројува Македонија меѓу земјите со најнеповолна сообраќајна безбедност во Европа. Како причини се посочуваат долгогодишни системски слабости, меѓу кои недоволно јасна правна рамка за санкционирање на возење под дејство на дроги, нефункционален систем во автошколите и слаба имплементација на автоматско санкционирање на прекршоците.
Со измените, законодавецот воведува нула толеранција за дрога зад воланот, измени во системот за стручни испити во автошколите и испитните центри, како и целосна имплементација на проектот „Безбеден град“ (Safe City).
Надлежноста за полагање на стручните испити за предавачи, возачи-инструктори, контролори и испитувачи повторно се враќа во Министерството за внатрешни работи, а електронскиот систем за автоматско санкционирање ќе биде целосно операционализиран.
Проектот „Безбеден град“ претставува интегриран систем за надзор и автоматско откривање на сообраќајни прекршоци, кој користи стационарни и мобилни камери, радари, сензори и софтвер за препознавање регистарски таблици. Целта, како што се наведува, не е репресија, туку превенција и намалување на ризичното однесување кај возачите.
Во пробниот период, кој започна на 1 декември, фокусот е ставен на пречекорување на брзината, минување на црвено светло, нерегистрирани возила и непрописно паркирање, а доставувањето на известувањата се врши преку СМС, е-маил или електронски линк со фотодоказ и видеозапис.
Системот „Безбеден град“ целосно ќе започне да функционира од февруари 2026 година, при што, како што е наведено во законот, и минимално пречекорување на дозволената брзина ќе биде санкционирано.





