MKinformer

your daily dose of news

Скопје меѓу најзагадените градови во светот: Воздухот оценет како „нездрав“

17/12/2025 12:20

Главниот град на Северна Македонија повторно се најде високо на глобалната листа на најзагадени градови, покажуваат утринските податоци на швајцарската платформа за мониторинг на квалитетот на воздухот, IQAir.

Околу 10 часот изутрина, Скопје беше рангирано на 19. место во светот според загаденоста на воздухот, додека на европско ниво се најде на второто место, веднаш зад првопласираниот град со најлош квалитет на воздух во тој момент.

Индексот на квалитет на воздухот (AQI) достигна вредност од 154, што спаѓа во категоријата „нездрав воздух“. Ваквото ниво на загадување претставува сериозен ризик по здравјето, особено за ранливите категории на населението, меѓу кои децата, повозрасните лица, како и лицата со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања.

Според податоците од мерните станици во градот, концентрацијата на ситните честички PM2.5 е алармантна и изнесува дури 12 пати повеќе од годишната референтна вредност препорачана од Светската здравствена организација. Овие микроскопски честички лесно навлегуваат длабоко во белите дробови и при подолготрајна изложеност можат да предизвикаат сериозни здравствени последици.

Надлежните институции и здравствените експерти апелираат граѓаните, особено чувствителните групи, да го ограничат престојот на отворено и да ги следат препораките за заштита во денови со зголемено аерозагадување.

error: Содржината е заштитена од копирање !!