Скопје повторно меѓу најзагадените во Европа: Чад од Усје (не од цигари) го покри градот, мерките под лупа
15/01/2026 17:21
Скопје и утрово се најде меѓу најзагадените градови во Европа. Според мерењата на мерните станици прикажани преку апликацијата „AirCare“, на одредени локации во главниот град концентрациите на загадувачки честички надминуваат 280, што претставува сериозен ризик по здравјето на граѓаните.
Фотографиите од Цементарница Титан-Усје утрово предизвикаа силни реакции во јавноста. Густ чад ја покрива целата околна, населбата и се шири кон поголем дел од градот, дополнително засилувајќи ја загриженоста кај граѓаните.
Иако претходно од Владата изјавија дека Усје не загадува, од Државен инспекторат за животна средина тврдат дека контролите се интензивни и континуирани. Директорката на инспекторатот, Ивана Гиновска, информираше дека во текот на 2025 година биле реализирани над 1.700 инспекциски надзори, при што биле утврдени 398 неправилности и покренати повеќе прекршочни и кривични постапки.
Според нејзините изјави, во периодот од ноември 2025 до март 2026 година, инспекторатот спроведува засилени контроли кај субјектите со А-интегрирани еколошки дозволи, согласно акцискиот план на Владата за чист воздух. Само од почетокот на ноември биле извршени над 55 инспекциски надзори, издадени 20 решенија и три забрани за работа.
Во однос на Цементарница Усје, Гиновска посочи дека биле извршени 6 инспекциски надзори, 2 редовни и 4 вонредни, вклучително и ненајавени контроли и мерења на емисиите во воздухот, при што, според официјалните наоди, не биле утврдени неправилности.
Таа нагласи дека инспекциската служба нема надлежност да одзема дозволи, да врши мерења или вештачења, туку има превентивна и репресивна улога во рамки на законските овластувања.
И покрај ваквите тврдења на институциите, граѓаните и понатаму алармираат дека загадувањето во Скопје е сериозен и долгогодишен проблем, кој бара поефикасни и транспарентни мерки, особено во зимските месеци кога квалитетот на воздухот е најлош.





