Две странски компании ќе инвестираат 80 милиони евра во Македонија и ќе отворат 1.000 работни места
19/12/2025 21:51
Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека една турска и една германска компанија официјално потврдиле дека ќе инвестираат во Македонија. Станува збор за фирми од секторот на високата технологија кои планираат заедничка инвестиција од околу 80 милиони евра и отворање на приближно 1.000 нови работни места.
Мицкоски, кој говореше по посетата на „Алкалоид“, истакна дека извозниот потенцијал на двете компании би надминал 200 милиони евра годишно. Притоа посочи дека тие не се дел од автомобилската индустрија, туку од технолошки напредни сектори, што – како што нагласи – претставува значајна диверзификација за македонската економија.
Тој додаде дека Владата интензивно преговара со повеќе странски инвеститори и дека до крајот на годинава се очекуваат уште најмалку три нови потврди за инвестиции.
– „Преговараме со многу странски компании кои ќе инвестираат во Македонија… До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди“, изјави премиерот, додавајќи дека фокусот е на поддршка на домашните компании, но и на привлекување инвеститори од странство.
Тој нагласи дека целта е да се прошири спектарот на индустрии што вложуваат во земјава и да се намали зависноста од автомобилскиот сектор, со поголем акцент на инвестиции во висока технологија.






