MKinformer

your daily dose of news

Почина легендата на Македонското радио, музика и диско – Драган Б. Костиќ

20/12/2025 15:41

Драган Б. Костиќ ја започнал својата кариера во Македонското радио во 70-тите години и брзо станал едно од неговите најпрепознатливи имиња. Публиката го памети по емисиите „Радио урнебес“, „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“, а подоцна и по форматите „Кавервил“, „Чартфајл“ и „Б.“.

Тој беше автор и на проектот „Сто приказни за сто песни“, кој никогаш не ја доби целосната публика што ја заслужуваше, делумно затоа што – како што често коментираше – оние што требаше најмногу да го слушнат, останаа „глувонеми“ или не ја сфатија неговата важност.

Костиќ важеше за еден од најдобрите познавачи на светската музика, историјата на групите и изведувачите, топ-листите и големите хитови. Поседуваше една од најбогатите приватни колекции на винил-плочи во Македонија и речиси целиот свој живот го посвети на музиката и радиото. На крајот од 2024 година го одржа својот последен ДЈ настап, симболично наречен „Последен танц“, со што ја затвори петдецениумската кариера.

Оваа година беше гостин во подкастот на Антонио Димитриевски, каде ја сподели својата најлична животна приказна – како се градел неговиот пат, што доживеал и што создал во светот на музиката и медиумите. И по пензионирањето остана верен на музиката, продолжувајќи да инспирира и да остава трага на македонската медиумска сцена.

error: Содржината е заштитена од копирање !!