MKinformer

your daily dose of news

Поднесено обвинение против пратеникот Сашко Јанчев за тешката сообраќајна несреќа во Марино

20/12/2025 13:10

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, по член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември по полноќ во селото Марино, при што загина 16-годишниот Матеј Димовски, а 13-годишната сопатничка беше тешко повредена.

По спроведена истражна постапка, Обвинителството соопшти дека се собрани релевантните докази и извршени потребните вештачења со кои се утврдиле причините за несреќата. Јанчев управувал со „Хјундаи Тусон“ и, според обвинението, не ги почитувал сообраќајните прописи, со што ја загрозил безбедноста на патот.

Во обвинението стои:
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот.“

Во истиот момент во возилото удрил мотоцикл „Јијинг“, без регистарски таблички и без светлосни уреди, со кој управувал малолетниот Димовски. Според утврденото, момчето немало возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка носеле заштитни кациги.

Од последиците на ударот, 16-годишниот мотоциклист починал, а девојчето се здобило со тешки телесни повреди.

error: Содржината е заштитена од копирање !!