MKinformer

your daily dose of news

Хорор во Битола: Ја удирал вонбрачната партнерка со столица, па потоа ја силувал

20/12/2025 19:17

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишен маж осомничен за сторување на кривичните дела „Телесна повреда“ и „Полов напад и силување“, соопштија од Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРСМ).

Според обвинителството, инцидентот се случил на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на осомничениот и неговата вонбрачна партнерка, на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола. Осомничениот физички ја нападнал жената, удирајќи ја по телото, лицето и главата, а во еден момент зел трпезариска столица и ја удрил и со неа.

Како што информира ЈОРСМ, тој потоа ја влечел оштетената кон терасата, заканувајќи ѝ се дека ќе ја фрли. Од нанесените удари, жената се здобила со телесни повреди.

По физичкиот напад, осомничениот ѝ наредил на жената да се соблече со цел да имаат сексуални односи. Откако таа одбила, тој насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија, се наведува во соопштението на обвинителството.

Јавниот обвинител, имајќи ги предвид тежината на делата и сите околности на случајот, доставил предлог до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Битола за определување мерка притвор за осомничениот.

Од обвинителството нагласуваат дека при предлогот за притвор особено била ценета опасноста од бегство, како и можноста осомничениот да продолжи со вршење дела на семејно насилство врз жената со која живеел во ист дом.

error: Содржината е заштитена од копирање !!