ЕСМ бара прогласување кризна состојба со струјата поради блокадите во Грција и недостиг на енергенси
20/12/2025 13:30
АД ЕСМ испратило писмо до Владата со барање да се прогласи кризна состојба на пазарот со електрична енергија, поради тоа што блокадите на грчките земјоделци го оневозможуваат редовното снабдување со енергенси, пренесе ТВ Сител. Од Владата потврдија дека дописот ќе биде разгледан на седница во текот на следната недела.
Според објаснувањето на Владата, активирањето на државните резерви се бара бидејќи не може да се реализира набавката на мазут, потребен за дел од производството на струја и топлинска енергија. Блокадите на граничните премини со Грција се главната причина за застојот во испораките.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за енергетика, Бојан Стојаноски, во гостување на ТВ Сител изјави дека парламентот ќе ја поддржи Владата доколку се донесе одлука за прогласување кризна состојба.
Тој објасни:
„Оваа кризна состојба се бара за да се овозможи Владата да ги отстапи државните резерви на компанијата, со цел таа да може да произведува струја и топлинска енергија сè додека не се реши проблемот со блокадите на граничните премини со соседна Грција, предизвикани од протестите на земјоделците.“






