MKinformer

your daily dose of news

Обвинителство ја прекина истрагата против Капушевски и „Пуцко петрол“ за набавката на мазут

12/05/2026 13:20

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за запирање на истрагата за набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Во предметот беа опфатени 13 лица, меѓу кои и бизнисменот Ратко Капушевски, сопственик на компанијата РКМ.

Од Обвинителството соопштија дека по едногодишна интензивна истражна постапка не биле утврдени докази дека осомничените сториле кривични дела. Воедно, не било откриено ниту друго дело што се гони по службена должност.

Истрагата се однесуваше на набавките за ТЕЦ Неготино

Предметот се однесуваше на сомневања за можни злоупотреби во постапките за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино во време на енергетската криза.

Се проверуваа и наводи за незаконско склучување договори и анекси, како и за перење пари.

Според ОЈО, постапките за набавка се спроведувале во услови на прогласена енергетска криза и согласно законските исклучоци предвидени во Законот за јавни набавки. Целта, како што наведуваат, била да се обезбеди непречено производство на електрична енергија.

Анализирани биле договори, финансии и сведочења

Во текот на истрагата биле анализирани финансиски и договорни документи, а биле извршени и вештачења.

Обвинителството земало искази и од сведоци, претставници на ЕСМ, ТЕЦ Неготино и економски оператори што поседувале лиценци за трговија со мазут.

Од таму наведуваат дека постапките биле спроведувани транспарентно и дека ЕСМ ги контактирал сите компании со соодветни лиценци.

Според исказите на дел од економските оператори, некои компании не учествувале во постапките поради свои деловни и економски проценки. Како причини биле наведени високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари.

Обвинителството не утврдило штета

Според Обвинителството, мазутот бил навремено и редовно испорачуван, а во ниту еден момент не било доведено во прашање производството на електрична енергија.

Во критичниот период, како што се наведува, немало рестрикции во снабдувањето, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило струја по значително пониски цени од оние на слободниот пазар.

ОЈО ГОКК утврдило и дека не постои штета врз ЕСМ или државниот буџет. Измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите, според нив, биле спроведени согласно одлуките на надлежните органи на АД ЕСМ, Управниот и Надзорниот одбор.

Не е утврдено ниту перење пари

Во делот што се однесува на перење пари, обвинителите заклучиле дека исплатените средства не претставуваат противправно стекната имотна корист.

Поради тоа, финансиските трансакции, купувањето имот и префрлањето средства не можат да се квалификуваат како перење пари.

Останува можност за приговор

Против одлуката за запирање на истрагата, оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена.

Претходно, полицијата го приведе бизнисменот Ратко Капушевски, а Обвинителството отвори истрага против 13 лица за злоупотреба на службена положба и перење пари.

error: Содржината е заштитена од копирање !!