Скопје најзагаден град во Европа: PM честичките над 200 на неколку локации
21/12/2025 11:09
Главниот град Скопје утрово се најде на врвот од листата на најзагадени градови во Европа, според рангирањето на швајцарската платформа „IQAir“. Со просечна вредност на загаденоста од 95 AQI, Скопје е прворангиран во Европа и се наоѓа на 21 место глобално.
Зад Скопје следуваат Амстердам и Сараево, кои денеска исто така бележат покачени нивоа на загадување.
Според апликацијата „AirCare“, загаденоста во градот се движи во категоријата „умерено“, но одделни мерни станици бележат алармантни вредности – концентрациите на PM10 честички во некои делови на Скопје надминуваат 200 микрограми, далеку над препорачаните граници.
Мерните станици на Министерството за животна средина регистрираат покачено загадување и во Битола и Струмица, каде исто така се забележува значително влошување на квалитетот на воздухот.
Во сила се мерките на Владата за заштита на ранливите групи од високите концентрации на штетни честички. Работодавците се повикуваат:
-
да ги ослободат од работни обврски бремените жени,
-
лицата над 60 години,
-
граѓаните со хронична астма,
-
оние што имаат прележано срцев или мозочен удар, без разлика на возраста.
За работниците кои мораат да работат на отворено, препораката е работното време да биде прилагодено во периодот од 11 до 17 часот, кога нивото на загадување најчесто е нешто пониско.




