Александар Трајановски (ГРОМ) со остри критики: Власта ги казнува оние што продаваат знаење, а ги наградува сиромаштијата и молкот
24/12/2025 14:40
Членот на Извршниот комитет на ГРОМ, Александар Трајановски, преку објава на својот Фејсбук профил упати остра критика до актуелната власт, обвинувајќи ја за неисполнети предизборни ветувања и погрешна економска политика која, според него, директно ги погодува граѓаните.
Трајановски потсетува дека додека биле во опозиција, денешните владејачки партии организирале протести против поскапувањето на електричната енергија и најавувале укинување на тарифата за пристап до електродистрибутивната мрежа. Во тој период, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, бил, како што наведува, редовна мета на напади и симбол на „лошата власт“.
„Денес, откако Христијан Мицкоски е премиер, нема ниту еден критички збор за Бислимовски“, забележува Трајановски, оценувајќи дека критиките исчезнале со промената на власта.
Во статусот се наведува дека наместо ветената заштита на животниот стандард, граѓаните се соочуваат со:
-
поскапување на струјата и парното,
-
задржување на акцизите на горивата,
-
можни најави за поскапување на водата,
-
континуиран раст на потрошувачката кошничка,
-
отсуство на контрола врз цените во маркетите,
-
суспензија на ИПАРД програмата поради сомнежи за корупција,
-
како и зголемен фискален притисок врз граѓаните за приходи од изминатите години.
Посебен акцент Трајановски става на, како што ја нарекува, „казнената даночна политика“ кон физичките лица кои остваруваат приходи од интелектуален труд, дигитални услуги и знаење. Тој посочува дека додека извозно ориентираните компании имаат нулта стапка на ДДВ, граѓаните кои работат за странски пазари се третираат како даночен проблем, а не како развоен потенцијал.
„Пораката на власта е јасна, продавајте земјоделски производи, но не продавајте знаење и идеи“, порачува Трајановски, оценувајќи дека ваквиот пристап е спротивен на современите трендови и ја поттикнува миграцијата на младите.
На крајот, тој заклучува дека, според него, ова не е економска стратегија, туку политика која ги турка граѓаните кон сиромаштија, зависност и иселување.

![Ново поскапување преку скалесто плаќање на струјата struja-1-640x427[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/struja-1-640x4271-1.jpg)


