MKinformer

your daily dose of news

Владата набавува 100 нови амбулантни возила и најави конечно решение за паркингот кај Клинички

24/12/2025 12:10

Владата донесе одлука за набавка на 100 нови амбулантни возила опремени со современа медицинска технологија, кои ќе бидат распределени во јавните здравствени установи низ целата држава. За реализација на оваа набавка се предвидени 461.250.000 денари, кои ќе се обезбедуваат преку развојниот дел од буџетот во наредните четири години.

Според најавите, инвестицијата треба да придонесе за значително подобрување на системот за итна медицинска помош, побрзи интервенции на терен, поефикасен транспорт на пациентите до секундарно и терциерно ниво на здравствена заштита, како и подобра покриеност на руралните подрачја, каде често недостига соодветна медицинска логистика.

Паралелно со оваа одлука, Владата информира дека продолжува постапката за конечно решавање на долгогодишниот проблем со паркингот во кругот на Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Земјиштето на постојниот паркинг ќе биде запишано како сопственост на Република Северна Македонија, со што се отстранува административната пречка која со години го блокираше склучувањето договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“.

Со потпишување на договорот се очекува модернизација и зголемување на паркинг-капацитетите, воведување ред во паркирањето, целосен видео-мониторинг, поставување информативни табли и имплементација на дигитален систем кој ќе ги насочува возачите.

Како што се наведува, крајната цел е пациентите и здравствените работници да добијат побезбеден, пофункционален и поорганизиран пристап до комплексот на клиниките – проблем кој со години претставуваше сериозен извор на хаос и незадоволство.

Сепак, јавноста очекува овие најави конечно да резултираат со конкретни и видливи решенија, имајќи предвид дека слични ветувања за итната помош и за паркингот кај Клинички беа давани и во минатото.

error: Содржината е заштитена од копирање !!