MKinformer

your daily dose of news

Тутунарите бараат итни измени на Законот за тутун

25/12/2025 10:28

Тутунските здруженија јавно реагираат во пресрет на завршницата на годинашниот откуп на тутунот, предупредувајќи дека, и покрај формално постигнатите цени, голем дел од производителите немаат вистинска причина за задоволство кога ќе го направат конечниот пресек на вложеното и добиеното.

Според нив, клучниот проблем не е само во годинашниот откуп, туку во системот што со години го става тутунарот во нерамноправна позиција во однос на откупните компании. Особено загрижува фактот што по празниците, како и секоја година, веќе во јануари ќе започнат понудите за договори за новата производна реколта, без претходно да се направат неопходните структурни промени.

Токму затоа, тутунските здруженија упатуваат јасен и итен повик до актуелниот Сојуз на тутунари да преземе конкретна иницијатива и да започне процес за измени на Законот за тутун, кои, како што нагласуваат, мора да стапат во сила пред почетокот на новата производна сезона.

Во реакцијата се потенцира дека Сојузот, без разлика на неговиот легитимитет или начин на избор, има обврска да ги застапува интересите на тутунарите, од кои, во суштина, и се финансира. Очекувањата се дека токму Сојузот треба да предложи решенија што ќе овозможат тутунарите рамноправно да учествуваат во процесот на формирање на откупната цена.

Како клучни точки што мора прецизно да се уредат со законските измени, здруженијата ги наведуваат начинот на формирање на цената на ретки суровини како што е тутунот, факторите што влијаат врз вреднувањето на македонскиот тутун како препознатлив бренд, како и неговата реална пазарна вредност на меѓународниот пазар.

Дополнително, се бара и целосно расчистување на недореченостите во Правилникот за квалитативна и квантитативна проценка, особено во делот на одбитоците и начинот на проценка, за да се спречат, како што велат, долгогодишните манипулации од страна на откупувачите, но и од државните институции.

Доколку Сојузот на тутунари не одговори на овие барања, здруженијата најавуваат формирање Иницијативен одбор и вклучување на граѓански организации и активисти, како и можна поддршка од политички партии кои ќе покажат реална волја да се реши проблемот што директно засега меѓу 20 и 25 илјади семејства во државата.

Во пораката се нагласува дека македонскиот тутун претставува ексклузивна и ретка суровина, која мора да биде платена достоинствено и според нејзината реална вредност, со јасна порака дека тутунарите повеќе нема да дозволат нивниот труд и мака да бидат предмет на системска злоупотреба.

error: Содржината е заштитена од копирање !!