Трипуновски: Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун во вредност од 170 милиони евра
20/01/2026 15:18
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска информираше дека откупот на тутунот од последната реколта влегува во својата завршна фаза.
„Денес, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претседателот на Сојузот, посетивме неколку откупни пунктови со цел да се направи увид во завршната фаза од откупот на тутунот“, изјави Трипуновски.
Според најновите податоци, досега се откупени вкупно 25,3 милиони килограми тутун, а просечната откупна цена изнесува 419,15 денари по килограм. Вкупната вредност на откупениот тутун се проценува на околу 170 милиони евра.
Министерот истакна дека 95,6 проценти од средствата веќе се исплатени на тутунопроизводителите кои го предале својот род, што, како што нагласи, претставува значителна финансиска поддршка за земјоделците и локалната економија.
„Останува уште мала количина тутун која, согласно утврдената динамика, ќе биде откупена во наредниот период. Секоја откупна компанија ќе има отворен пункт до крајниот рок за откуп, кој трае до крајот на февруари“, појасни Трипуновски.
Од Министерството нагласуваат дека процесот на откуп се одвива непречено и во согласност со законските прописи, а институциите остануваат на терен за навремена реакција доколку се појават евентуални неправилности.