MKinformer

your daily dose of news

Делумен прекин на железничкиот сообраќај: Машиновозачите во бојкот поради неисплатени плати

02/01/2026 11:52

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај во земјава се наоѓаат во делумен прекин поради бојкот на поголемиот дел од машинскиот и извршниот персонал во МЖ Транспорт. Ова денеска за МИА го изјави Тони Димовски, претседател на Синдикалната организација на машиновозачи на Македонија.

Според Димовски, бојкотот започнал вчера, поради неисплатен втор дел од платата за ноември, како и поради неисполнети барања од претходниот бојкот на почетокот на декември, иако тогаш бил постигнат договор со раководството на железничкото претпријатие.

🚆 Намален број на возови

Тој информира дека на 18 декември бил исплатен првиот дел од платата, а постоеле и неофицијални најави дека вториот дел би требало да биде исплатен денеска. Сепак, бојкотот ќе продолжи сè додека не бидат повикани на официјални преговори и не добијат писмена гаранција за исполнување на нивните барања.

„Ќе бидеме во бојкот сè додека не бидеме повикани на средба и додека нема документ дека барањата ќе бидат исполнети“, изјави Димовски.

Според неговите проценки, 60 до 70 проценти од машинскиот и извршниот персонал учествуваат во бојкотот, поради што не сообраќаат поголемиот дел од патничките возови.

„Од патничките возови вчера сообраќаше само еден, на релација Скопје – Гевгелија во 16:55 часот. Не тргнаа возовите на релациите Скопје – Куманово, Скопје – Битола, Скопје – Велес, како и дел од линиите кон Гевгелија“, појасни Димовски, додавајќи дека кај товарниот сообраќај состојбата е делумно подобра.

📄 Барања од синдикатот

Тој потсети дека на 1 декември железничкиот сообраќај бил целосно во прекин, а нормализиран на 2 декември по средба со раководството на МЖ Транспорт и Министерство за транспорт. До раководството биле доставени 15 барања, меѓу кои:

  • исплата на прекувремени часови,

  • бонус плата за над 150 прекувремени часови,

  • зголемување на коефициентот за 0,80 поради раст на животните трошоци,

  • додаток од 10% за вонредно повикување на работа.

error: Содржината е заштитена од копирање !!