„Црн мраз“: невидливата опасност на зимските патишта
08/01/2026 12:50
Со наглиот пад на температурите, на патиштата се појавува една од најопасните зимски појави, т.н. „црн мраз“, честопати нарекуван и „невидлив убиец“. Тој е причина за голем број сообраќајни несреќи секоја зима, бидејќи возачите најчесто го забележуваат дури кога возилото веќе ја изгубило тракцијата.
Што точно е црн мраз?
И покрај името, црниот мраз не е црн, туку тенок, целосно проѕирен слој мраз. Се создава кога дождот или стопениот снег повторно ќе замрзнат на површина чија температура е под нулата. Бидејќи низ него се гледа темниот асфалт, често изгледа како обично влажен пат.
За разлика од снегот или видливиот бел мраз, црниот мраз нема воздушни меурчиња и совршено се спојува со подлогата, токму затоа е толку опасен.
Каде и кога најчесто се појавува?
Црниот мраз може да се формира дури и кога температурата на воздухот е над нулата, доколку асфалтот е постуден. Најризични периоди се:
-
доцна навечер
-
во текот на ноќта
-
рано наутро
Особено опасни се:
-
мостови и надвозници, кои се ладат одоздола и одозгора
-
засенчени делови, под дрвја и во шуми
-
влезови и излези од тунели
-
патишта со мал сообраќај, каде асфалтот останува студен
Како да препознаете дека има црн мраз?
Иако е речиси невидлив, постојат неколку предупредувачки знаци:
-
патот изгледа влажен, но нема прскање вода од гумите на возилата
-
другите возила одеднаш забавуваат или кратко се лизгаат
-
воланот станува „лесен“, а автомобилот не реагира нормално
Во такви ситуации, веднаш намалете ја брзината и зголемете го растојанието од возилото пред вас.
Што да направите ако возилото почне да се лизга?
Ако почувствувате губење на контрола:
-
останете смирени
-
нежно отпуштете го гасот
-
не сопирајте нагло
-
држете го воланот исправен или свртете го благо во насоката во која „бега“ задниот дел
Кога ќе почувствувате дека гумите повторно имаат контакт со подлогата, продолжете многу внимателно. За забавување, секогаш е побезбедно моторно кочење отколку притискање на кочницата.
Клучни совети за возење при црн мраз
-
Одржувајте значително поголемо растојание – сопирањето трае двојно подолго
-
Избегнувајте нагли движења со воланот
-
Бидете највнимателни рано наутро
-
Забавете пред мостови, тунели и засенчени делови
-
Ако дојде до лизгање, никако паника





