ВИДЕО: Новинарка ги соблече чорапите и јакната за да стопли дете во поплавено Кичево
10/01/2026 9:12
Хуман гест што ја трогна јавноста беше забележан за време на известување од поплавите во Кичево, кога новинарката Салије Садику ги соблече своите чорапи и јакна и ги даде на премрзнато дете чиј дом е целосно поплавен.
Сцената се одигра додека Садику известуваше од терен за тешката состојба во Кичево, кое во изминатите денови е силно погодено од обилните врнежи од дожд и поплавите што зад себе оставија уништени домови и раселени семејства. Детето, видно премрзнато и без соодветна облека, го привлече вниманието на новинарката, која без двоумење реши да помогне.
Гестот беше снимен на видео и брзо се прошири на социјалните мрежи, каде граѓаните ја пофалија хуманоста и човечноста на новинарката, истакнувајќи дека токму ваквите моменти покажуваат што значи вистинско новинарство, да се биде со луѓето, а не само зад камерата.
Кичево и натаму се соочува со сериозни последици од невремето, а надлежните служби и хуманитарните организации апелираат за помош и солидарност со погодените семејства.






