Владата одобри 10.000 работни дозволи за странци во 2026 година
16/01/2026 11:44
Влада на Република Северна Македонија ја утврди квотата за работни дозволи за странски државјани за 2026 година, при што се предвидени вкупно 10.000 дозволи за ангажман на странска работна сила во земјава.
Најголемиот дел од квотата, односно 9.750 дозволи, се наменети за редовно вработување на странски државјани. Дополнително, 200 дозволи ќе бидат издадени за упатени странци, додека 50 дозволи се планирани за сезонски работни ангажмани.
Според структурата на утврдената квота, 4.500 дозволи се однесуваат на нови вработувања, додека 5.250 дозволи се предвидени за продолжување на веќе постојните работни дозволи на странци кои работат во државата.
Од Министерство за економија и труд информираат дека искористеноста на квотата ќе се следи континуирано, како и состојбите на пазарот на труд, со цел навремено прилагодување на мерките според потребите на економијата и недостигот од работна сила во одредени сектори.
Надлежните посочуваат дека ангажирањето на странска работна сила претставува важен механизам за поддршка на домашната економија, особено во услови на хроничен недостиг на кадар во градежништвото, индустријата, услужниот сектор и земјоделството.
Одлуката за утврдување на квотата стапува на сила денес, 16 јануари 2026 година.




