MKinformer

your daily dose of news

Драстичен раст на странска работна сила: Над 6.100 странци од Непал, Бангладеш, Индија со дозволи за работа во Македонија

12/01/2026 19:49

Вкупно 6.128 странски државјани добиле дозволи за привремен престој поради работа во Северна Македонија, што претставува зголемување од речиси три и пол пати во споредба со пред пет години, кога биле издадени 1.704 дозволи. Ова го покажуваат податоците што Радио Слободна Европа ги обезбеди од Министерство за внатрешни работи.

Според мислењата што Агенција за вработување ги издавала од 2020 година до денес, најголема побарувачка за странска работна сила има во градежништвото, преработувачката индустрија, секторот за сместување и послужување храна, како и во трговијата на големо и мало.

Најбројни меѓу странските работници се државјаните на Турција, но во последните години забележлив е и значителен пораст на работници од Непал, Бангладеш и Индија. Покрај нив, меѓу земјите чии државјани често добиваат дозволи за работа се и Кина и Филипини.

Податоците од Агенцијата за вработување дополнително го потврдуваат растечкиот тренд. Само во 2025 година, заклучно со 29 декември, биле издадени 8.509 позитивни мислења за дозволи за работа, од кои 798 се лични работни дозволи за управители, менаџери и слични раководни позиции. Овие мислења се дел од задолжителната документација што МВР ја разгледува при одлучување за одобрување на привремен престој.

За споредба, во 2020 година биле издадени 3.227 позитивни мислења, што е повеќе од двојно помалку во однос на 2025 година.

И понатаму, работниците од Турција се на прво место според бројот на издадени мислења. Во 2024 и 2025 година, во првите пет земји се вклучени и Непал, Бангладеш и Индија. Само лани, од вкупно 8.509 позитивни мислења, 2.815 биле издадени за турски државјани, 1.567 за Бангладеш, 1.089 за Непал и 1.079 за Индија, додека на петтото место се државјаните на Косово со 406 мислења.

Во претходните години, кога квотите за странски работници биле значително пониски, најзастапени биле работници од регионот, пред сè од Србија, Албанија и Косово.

error: Содржината е заштитена од копирање !!