Седум и пол години затвор за „убиство во обид“: Пресуда за зетот кој ги нападнал роднините во Штип
20/01/2026 17:35
Во Основен суд Штип денеска беше објавена пресудата за обвинетиот С.К., кој е осуден за кривично дело „убиство во обид“ согласно член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Портпаролот на судот и претседател на кривичниот совет, Сашко Георгиев, информираше дека на обвинетиот му е изречена казна затвор од седум години и шест месеци за двајца оштетени, мајката на неговата сопруга и нејзиниот брат. Воедно, на С.К. му е продолжена мерката притвор до започнување на издржување на затворската казна.
Настанот за кој беше водена постапката се случил на 3 август минатата година, во дворот од семејната куќа во населбата Баби во Штип. Осудениот, зет од карбинското село Таринци, еден ден по враќањето од Германија, заедно со сопругата и нивните малолетни деца присуствувал на семеен собир кај родителите на сопругата.
Според исказите на оштетените, по првичната вербална расправија, конфликтот ескалирал во жестока физичка пресметка, при што биле користени дрвени бркалки, секири и метална цевка. Повредените завршиле на болничко лекување со сериозни телесни повреди.
Во својот исказ пред судот, С.К. изјавил дека не се чувствува виновен и тврдел дека не ги сторил делата кои му се ставаат на товар од страна на обвинителството. Сепак, судот, врз основа на изведените докази и искази, донесе осудителна пресуда.
Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба во законски утврдениот рок.

![Пoднeceн oбвинитeлeн aкт пpoтив ocyм лицa, пpипaдници нa ИCИC policija-mk-777x437-225346[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mk-777x437-2253461.jpg)




