Водата во Пласница и Преглово не е безбедна за пиење: Пронајдени бактерии од фекално потекло
24/07/2026 13:06
Водата во Општина Пласница и во селото Преглово не е здравствено исправна за пиење, покажуваат извештаи од Центарот за јавно здравје – Прилеп.
Примероците биле земени на 14 јули 2026 година, а лабораториските извештаи биле издадени на 24 јули.
Пронајдени бактерии од фекално потекло
Во стручното мислење за примерокот од Преглово се наведува дека водата не е здравствено исправна поради присуство на бактерии од фекално потекло.
Утврден е и зголемен број колонии на бактерии на 37 степени. Поради тоа, водата не смее да се користи за пиење без претходно вриење најмалку 10 минути.
Истиот заклучок е наведен и во извештајот за водата во Пласница. Дополнително, во примерокот биле утврдени зголемена матност и покачени органски материи.
Во водата нема резидуален хлор
Во двата примерока е измерено ниво на резидуален хлор од 0,00 милиграми на литар.
Од Центарот за јавно здравје препорачуваат механичко чистење на резервоарите, евентуална санација на каптажите и хиперхлорирање на мрежата.
Потоа треба да се изврши и ново земање примероци за да се провери дали водата е безбедна.
Жителите бараат итна реакција
Жители од Пласница и Преглово велат дека проблемите со квалитетот на водата траат подолго време. Тие бараат надлежните институции итно да ја санираат водоводната мрежа и да обезбедат безбедна вода за пиење.
До решавање на проблемот, водата не треба да се користи за пиење без претходно вриење.
Во продолжение се документите од Центарот за јавно здравје – Прилеп, во кои е наведено дека водата е здравствено неисправна.






