(ВИДЕО) Три дена без бактерии, но забраната за пиење вода останува
27/07/2026 12:41
Три дена нема бактерии во водата во Гостивар, но сè уште не е дозволена за пиење
Водата може да се користи само за технички потреби
Водата во Гостивар од денеска може да се користи за технички потреби, но и понатаму не е дозволена за пиење и подготовка на храна, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Одлуката е донесена по повеќекратни анализи на квалитетот на водата, кои покажале дека таа повеќе не е загадена со фекалии.
Три последователни дена без колиформни бактерии
Хемискиот инженер Емилија Аневска од ЈП „Водовод“ Скопје изјави дека шест мостри земени од крајните потрошувачи во Гостивар три последователни дена не покажале присуство на колиформни бактерии.
Таа додаде дека по засиленото хлорирање не е утврдено ниту присуство на трихалометани над дозволените граници.
Резултатите доставени до надлежните институции
Резултатите од анализите се доставени до Кризниот штаб и до Агенцијата за храна и ветеринарство како надлежен орган.
И покрај подобрените резултати, жителите на Гостивар и понатаму ќе се снабдуваат со флаширана вода за пиење, а нејзината дистрибуција продолжува и во наредните денови.





